07.06.2011
Кога се бара помош од Народниот правобранител?
Помош и интервенција од Народниот правобранител може да бара секој граѓанин на Република Македонија и странец (лично или преку свој полномошник) кога ќе оцени дека некое негово уставно и законско право му е повредено со акти или дејства на органи на државната управа и други органи и организации што имаат јавни овластувања.
Заштита на правото пред Народниот правобранител може да се бара откако претходно граѓанинот се обратил (поднел барање, молба, побарал помош, интервенција или друго дејство) до надлежниот орган или организација, а притоа тој орган или организација донел или не донел акт, презел, односно не презел соодветно дејство.
Постапката пред Народниот правобранител се иницира со поднесување претставка (поплака, жалба) која може да се достави лично во канцеларијата на Народниот правобранител, по пошта, усно на записник кај народниот правобранител, по телефакс или по електронска пошта.
Народниот правобранител може да покрене постапка и по сопствена иницијатива, но за продолжување на постапката потребна е согласност од граѓанинот кому му е повредено уставното или законското право.
Народниот правобранител интервенира кога
- се повредени поединечни права на граѓаните со акти или дејства на органите на државната управа и другите органи и организации што имаат јавни овластувања;
- по барања на граѓани се донесени управни акти (решенија, заклучоци, уверенија, потврди, мислења и сл.) со кои погрешно е утврдена фактичката состојба, погрешно е применет материјалниот закон, повредена е управната или друга постапка;
- се дејствувало самоволно, бирократски, недолично и нехумано спрема граѓаните;
- не се постапувало по барањата или се донело позитивно решение по барањето без законска основа;
- се одолжува постапката по барањето;
- не се вклучува заинтересирана странка во постапката;
- странката се упатува од еден на друг шалтер или од еден на друг орган за работи и прибирање докази што органот може и службено да ги прибави;
- не се спроведуваат извршните и конечните управни акти, и не се постапува по упатствата на второстепените управни и судските органи.