НПМ: Активности
18-19.12.2018, Велес
НПМ СПРОВЕДЕ ОБУКА НА ТЕМА „МАНДАТ, НАДЛЕЖНОСТ И ПОСТАПУВАЊЕ НА НП-НПМ“
- На 18 и 19ти декември, Претставниците на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам во Велес спроведоа обука на тема „Мандат, надлежност и постапување на Народниот Правобранител – Национален превентивен механизам предвидена во Годишната програма во рамките на проектот „Подобрување на системот за правна заштита во врска со азил и натурализација“.
На обуката присуствуваа претставници од канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци (УНХЦР) и од Македонското здружение на млади правници кои имаа можност да го презентираат својот мандат и начин на постапување.
Обуката имаше за цел да го појасни постапувањето на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам во однос на законската надлежност и методологија на спроведување на превентивни посети во местата кадешто лицата се лишени од слобода или пак нивната слобода на движење е ограничена.
Исто така беа презентирани новите надлежности на Народниот правобранител со последните законски измени.
За време на обуката тимот на Националниот превентивен механизам со претставниците на УНХЦР и Македонското здружение на млади правници преку дискусии опфатија неколку актуелни проблематики во однос на подобрувањето на системот за правна заштита во врска со азил и почитување на правата на бегаците.
Спроведената обука беше последна од предвидените обуки за 2018 години, а претходните четири обуки на тема „Мандат, надлежност и постапување на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам беа наменети за службени лица од Граничната полиција и се одржаа во четирите регионални центри за гранични работи: Регионален центар за гранични работи север (Скопје), Регионален центар за гранични работи југ (Кавадарци), Регионален центар за гранични работи запад (Охрид) и Регионален центар за гранични работи исток (Делчево).
10-11.10.2018, Тајланд - Бангкок
ГЛОБАЛНА ТРКАЛЕЗНА МАСА: „ПРИЕМ И МЕРКИ ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ НА ДЕЦА БАРАТЕЛИ НА АЗИЛ“
Претставник на канцеларијата на Народниот правобранител, на 10 и 11 октомври 2018 година учествуваше на Глобална тркалезна маса на тема „Прием и мерки за згрижување на деца баратели на азил“ која се одржи во Бангкок,Тајланд.
Учесниците на тркалезната маса имаа можност да разменат знаења и искуства со членови, активисти од меѓународни организации кои работат и креираат политики на полето на згрижување на децата бегалци - баратели на азил и донесување и усвојување на мерки за згрижување на децата и нивно практикување.
Тркалезната маса е дел од Програмата за глобална техничка помош и градење на капацитет за спречување на задржувањето на деца и за заштита на децата и другите задржани баратели на азил, заеднички проект на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации (УНХЦР) во соработка со Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човековите права (ЕИДХР).
На работилницата учество земаа претставници на национални институции од Република Македонија (Народен Правобранител, Министерство за внатрешни работи, Министерство за труд и социјална политика), претставници на канцелариите на УНХЦР од земјите во кои се спроведува програмата (Македонија, Чешка, Индонезија, Малезија, Мексико, Тајланд, Швајцарија, Австрија, Белгија), како и голем број на релевантни меѓународни организации и институции релевантни за заштита на човекови права, со фокус на правата на децата бегалци баратели на азил.
26-28.09.2018, Охрид
ОБУКА НА ТЕМА: „СТАНДАРДНИТЕ ОПЕРАТИВНИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ПОСТАПУВАЊЕ СО НЕПРИДРУЖУВАНИ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА-СТРАНЦИ“
- Претставници од Канцеларијата на Народниот правобранител, од 26 до 28 септември учествуваа на обука на тема „Стандардните оперативни процедури за постапување со непридружувани малолетни деца-странци“ што се одржа во Охрид.
На обуката учество земаа претставници на повеќе институции и граѓански организации, како и Министерство за труд и социјална политика, Македонско здружение на млади правници, претставници на Министерство за внатрешни работи и Секторот за азил при ова Министерство, невалдините организации „Ла Страда“ и „Легис“, претставници на Црвениот Крст, и на Интернационална организација за миграција (ИОМ). Секој од претставниците интерактивно учествуваше со свои предлози за надминување на проблемите кои настануваат при практичната имплементација на овие Стандардни оперативни процедури.
Обуката беше дел од третиот циклус обуки кои ги спроведува Македoнското здружение на млади правници, во рамките на проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите.
29.08.2018, Скопје
НПМ ПРИСУСТВУВАШЕ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА ЗАВРШНА ФАЗА НА ГРАДБА НА КПД ИДРИЗОВО
На 29.08.2018 година, тимот на Националниот превентивен механизам, по претходна покана на Управата за извршување на санкциите, присуствуваше на презентацијата на завршена прва фаза на градба на КПД Идризово, што се одржа во рамките на КПУ-КПД Идризово.
Министерката за правда, заедно со директорот на Управата за извршување на санкциите, пред јавноста ги презентираа новите простории на КПУ-КПД „Идризово“. Имено, се работи за два објекта - отворено и полуотворено одделение коишто се со сместувачки капацитет за околу петстотини лица. Покрај сместувачките капацитети, на осудените лица на располагање ќе им бидат и новоизградените игралишта и шеталишта.
Тимот на Националниот превентивен механизам го поздравува проектот за реконструкција на казнено-поправните установи во Републиката и смета дека со подобрувањето на материјалните услови е направен позитивен чекор кон превенцијата од тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.
09-12.04.2018, Белград, Република Србија
ПРЕТСТАВНИЦИ ОД НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ УЧЕСТВУВАА НА ПРВИОТ РЕГИОНАЛЕН ТРЕНИНГ НА ТЕМА „МОНИТОРИНГ НА ПРИСИЛНО ВРАЌАЊЕ НА МИГРАНТИ
- Претставници од канцеларијата на Народниот Правобранител – Национален превентивен механизам од 9ти до 12ти април, 2018 г. учествуваа на првиот регионален тренинг на тема „Мониторинг на присилно враќање на мигранти во земја на потекло“, кој се одржа во Белград, Република Србија.
Тренингот беше организиран во рамките на ИПА 2 проектот кој е финансиран од Европската Комисија, а имплементиран од Фронтекс во соработка со меѓународната организација ИОМ и Високиот Комесаријат за заштита на правата на бегалците (УНХЦР), а се однесува за период од јануари 2016 до декември 2018.
На организираниот тренинг активно учество земаа претставници од регионалните Омбудсман институции (Република Србија, Република Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово) со цел да се обучат и запознаат со целокупната процедура при спроведување на присилни враќања на бегалците/мигрантите во земјите на потекло како и со начинот на мониторирање на овие процедури и изготвување на соодветен извештај во улога на лица за мониторинг, номинирани од својата земја.
Истовремено, тренингот беше спроведен од професионални обучувачи со долгогодишно искуство во проблематиката со присилно враќање на мигранти во трети земји, кои преку презентации и интерактивни вежби ги запознаа учесниците на тренингот со поединечните улоги на сите вклучени субјекти при изведување на присилно враќање и мониторирање на истото.
Учесниците на тренингот имаа можност преку голем број на интерактивни вежби и задачи, да се запознаат со специфичните карактеристики на секоја фаза посебно, како и на улогите на мониторите и ескортите во текот на поединечните фази од процесот на присилно враќање.
28.02-02.03.2018, Струмица, Македонија
ОБУКА НА ТЕМА: „СТАНДАРДНИТЕ ОПЕРАТИВНИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ПОСТАПУВАЊЕ ВО СЛУЧАИ НА СЕКСУАЛНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО (SGBV)“
- Претставници од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, од 28 февруари до 02 март 2018 година, присуствуваа на обука на тема „Стандардните оперативни процедури за постапување во случаи на сексуално и родово базирано насилство (SGBV)“.
Обуката беше дел од вториот циклус обуки кои се спроведуваат во рамките на проектот на УСАИД за Заштита на правата на мигрантите и бегалците.
06-07.02.2018, Виена, Австрија
ОБУКА ЗА ПОВЕЛБАТА ЗА ФУНДАМЕНТАЛНИ ПРАВА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА
- Претставник од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, на 6 и 7 февруари 2018 година присуствуваше на Обука за применливоста на Повелбата за фундаменталните права на Европската Унија на национално ниво, којашто се одржа во Виена, Австрија. Обуката беше спроведена во заедничка организација на Агенцијата за фундаментални права на Европската Унија (FRA) и Европската мрежа на национални институции за заштита на човековите права (ENNHRI).
Целта на Обуката за примената на Европската повелба за фундаментални права беше зголемување на свеста на Националните институции за човекови права во однос на целосниот опсег на примена на повелбата на Европската Унија на национално ниво. Со здружување на стручни обучувачи и ресурси на лица, како и преку групни вежби и размена на искуства на учесниците, обуката беше успешно спроведена.
И покрај фактот што Повелбата за фундаментални права на Европската Унија е применлива исклучиво во земјите членки на Европската Унија, стекнатото искуство од Обуката за примената на Европската повелба за фундаментални права е од големо значење, во насока на подготвеност за нејзината применливост на национално ниво кога Република Македонија ќе се стекне со статусот на замја членка на ЕУ.
26-28.01.2018, Крушево, Македонија
ОБУКА НА ТЕМА: „СТАНДАРДНИТЕ ОПЕРАТИВНИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ПОСТАПУВАЊЕ СО РАНЛИВИ КАТЕГОРИИ НА ЛИЦА“
- Претставници од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, од 26 - 28 Јануару 2018 година присуствуваа на обука на тема „Стандардните оперативни процедури за постапување со ранливи категории на лица“.
Обуката беше дел од вториот циклус обуки кои ги спроведува Македoнското здружение на млади правници во рамките на проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите.
18-20.12.2017, Мадрид, Шпанија
СТУДИСКА ПОСЕТА НА РАБОТНАТА ГРУПА НА АОМ ЗА ПРАВАТА НА ДЕЦАТА МИГРАНТИ ВО МАДРИД, ШПАНИЈА
Претставник од канцеларијата на Народниот правобранител-Национален превентивен механизам, како дел од работната група на Асоцијацијата на омбудсмани од Медитеранот за правата на децата мигранти, од 18 до 20 декември учествуваше на студиска посета во Мадрид, Шпанија.
Посетата беше предвидена како дел од заедничкиот акциски план на АОМ/АОМФ за 2017-2018 година, а организирана и на покана на Омбудсманот на Шпанија. Членовите на работната група за време на посетата имаа можност да се запознаат со третманот на децата мигранти во Шпанија и истовремено да ги споделат своите искуства од работењето на оваа тема, секој од земјата од каде што доаѓа.
Со раководителот на Одделот за азил и миграција при шпанскиот омбудсман беа остварени повеќе средби, на кои беше презентирана состојбата во Шпанија со децата мигранти, со посебен осврт на процесот на утврдување на нивната возраст. За време на посетата беше остварена средба и со раководителот на Одделот за малолетници при Омбудсманот од Андалузија, како и со претставници на невладини организации коишто им пружаат помош и заштита на децата мигранти. Како дел од програмата, беше посетен и еден од центрите за баратели на азил каде што се сместуваат малолетни мигранти, управуван од шпанската невладина организација Merced Migraciones.
14-15.12.2017, Прага, Република Чешка
УЧЕСТВОНА ПРЕТСТАВНИЦИ НА НПМ НА ЕВРОПСКИ ФОРУМ НА НАЦИОНАЛНИ ПРЕВЕНТИВНИ МЕХАНИЗМИ-ПРАГА
- Претставници од канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам на 14 и 15 декември 2017 год. учествуваа на Европскиот Форум на НПМ, кој се одржа во Прага, Р.Чешка.
На Форумот беа разработени следните теми: Како или на кој начин НПМ би требало да учествува во законските норми кои во иднина би требало да стапат на сила во важечкиот законски систем?; Како треба да се зачувуваат и пренесуваат вештините стекнати во пракса меѓу членовите (стари и нови) на НПМ тимот, а во исто време да се стекнуваат и нови вештини на дејствување?; Во која насока би се движеле активностите на НПМ во иднина, а во интерес на константо подобрување на методите за заштита од тортура и друго нечовечко однесување.
Состанокот беше организиран од страна на чешката омбудсманка г-ѓа Ана Шабатова, со поддршка од Советот на Европа во рамки на активностите на мрежата на НПМ за Европа, и на истиот активно учество земаа претставници на НПМ од регионалните омбудсман институции.
Во рамките на Форумот претставниците имаа можност да ги презентираат своите искуства и методологија за вршење на превентивни посети во местата во кои се лишуваат лицата од слобода и да споделат искуства со колегите од останатите институции.
Учесниците од Европските Национални превентивни механизми посочија некои добри практики кои сметаа дека би било корисно да бидат споделени на овој состанок, меѓутоа искористија можност да ги споделат и негативните искуства и проблеми со кои се соочуваат при остварувањето на својот мандат и надлежност.
Сумираните заклучоци и корисни практики на крајот од работилницата беа презентирани пред сите учесници, а беа отворени и нови теми за кои ќе се дискутира на следните состаноци и конференции.
Членките на мрежата на НПМ за Европа, на маргините на Форумот дискутираа за нивото на психолошки стрес со кој се соочуваат членовите на Национални превентивни механизми при нивното дејствување и на специфичноста на темата која ја обработуваат НПМ тимовите, и какви практики треба да се воспостават за што подобро справување и ублажување на ваквите стресни ситуации.
13.12.2017, Скопје
КОНСУЛТАТИВНА РАБОТИЛНИЦА ЗА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА НА БЕГАЛЦИ И СТРАНЦИ 2017-2027
- Претставник од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, на 13 декември 2017 година присуствуваше на Консултативна работилница за Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027, во организација на Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Високиот Комесаријат за бегалци на Обединетите Нации.
На Работилницата беа презентирани главните стратегиски насоки и мерки предложени во нацрт-верзијата на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027, а предвидена беше и работа во пет групи во кои беа опфатени следниве теми на дискусија: образование, вработување, домување, пристап до права и развивање на систем на интеграција во Република Македонија.
Консултативната работилница имаше цел преку споделените предлози и забелешки од страна на сите учесници, Стратегијата да се развие во сеопфатен документ, како и да се подобрат предложените мерки во процесот на интеграцијата.
12-13.12.2017, Белград, Србија
ПРЕТСТАНИЦИ НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ – НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ НА 12-13.12.2017 УЧЕСТВУВАА НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО БЕЛГРАД, СРБИЈА – МРЕЖА НА НПМ ЗА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
Претставници од канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам на 12 и 13.12.2017 учествуваа на конференција која се одржа во Белград, Србија на тема „Методологија за спроведување на посети на места на лишување од слобода“.
Состанокот беше организиран од страна на Омбудсман институцијата на Србија помогната од Советот на Европа во рамки на активностите на мрежата на НПМ за Југоисточна Европа, и на истиот активно учевство земаа претставници од регионалните Омбудсман институции и меѓународни организации.
Претставниците од регионот во рамките на оваа мрежа, имаа можност да ја презентираат својата пракса и методологија за вршење на превентивни посети во местата во кои се лишуваат лицата од слобода и да споделат искуства со колегите од останатите институции.
Учесниците од регионалните Национални превентивни механизми посочија некои добри практики кои сметаа дека би било корисно да бидат споделени на овој состанок, меѓутоа искористија можност да ги споделат и негативните искуства или проблеми со кои се соочуваат при остварувањето на својот мандат и надлежност.
Сумираните заклучоци и корисни практики на крајот од работилницата беа презентирана пред сите учесници, а притоа беа отворени и нови теми и проблематики за кои ќе се дискутира и полимизира на некои следни состаноци и конференции.
Членките на мрежата на НПМ за Југоисточна Европа, во текот на вториот ден одржаа состанок на кој се дискутираше за тековни прашања и проблеми со кои се соочуваат поединечните Национални превентивни механизми во земјите членки на мрежата. Со оглед на фактот што годинава Омбудсман институцијата на Србија беше домаќин претседавач со мрежата на НПМ за Југоисточна Европа, со консензус беше донесена одлука во текот на 2018 година нов домаќин да биде Омбудсман институцијата на Црна Гора.
13.12.2017, Скопје, Македонија
КОНСУЛТАТИВНА РАБОТИЛНИЦА ЗА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА НА БЕГАЛЦИ И СТРАНЦИ 2017-2027
- Претставник од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, на 13 декември 2017 година присуствуваше на Консултативна работилница за Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027, во организација на Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Високиот Комесаријат за бегалци на Обединетите Нации.
На Работилницата беа презентирани главните стратегиски насоки и мерки предложени во нацрт верзијата на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027, а предвидена беше и работа во пет групи во кои беа опфатени следниве теми на дискусија: образование, вработување, домување, пристап до права и развивање на систем на интеграција во Република Македонија.
Консултативната работилница имаше цел преку споделените предлози и забелешки од страна на сите учесници, Стратегијата да се развие во сеопфатен документ, како и да се подобрат предложените мерки во процесот на интеграцијата.
01-03.12.2017, Охрид, Македонија
ОБУКА НА ТЕМА: „СТАНДАРДНИТЕ ОПЕРАТИВНИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ПОСТАПУВАЊЕ СО ЖРТВИ НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ“
Претставници од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, од 1 - 3 декември 2017 година присуствуваа на обука на тема „Стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе“.
Обуката беше дел од вториот циклус обуки кои се спроведуваат во рамките на проектот на УСАИД за Заштита на правата на мигрантите и бегалците.
Обучувачи беа претставник на Министерството за труд и социјална политика, советник за недискриминација и спречување и заштита од трговија со луѓе од Р.Македонија и адвокат и експерт за човекови права од Австрија.
28-30.11.2017, Брисел, Белгија
ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ - НПМ УЧЕСТВУВАШЕ НА РАБОТИЛНИЦА/ТРЕНИНГ НА ТЕМА: „АЛТЕРНАТИВИ НА ПРИТВОР“ ВО КОНТЕКСТ НА БЕГАЛСКАТА КРИЗА
- Претставник на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, во периодот од 28-30.11. учествуваше на тридневна работилница/тренинг во Брисел, Белгија.
Работилницата беше организирана од страна на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) и Европската Унија, во рамките на комбинирана програма која се фокусира на следење на притворот на мигрантите и алтернативи на притворот. На истата преку практични вежби учесниците настојуваа да споделат свои искуства и да научат добри практики во обидот да се воспостави ефикасен механизам на алтернативи на притвор во кој се задржуваат бегалците.
На работилницата присуствуваа претставници од канцеларии на УНХЦР во неколку фокус земји, како и претставници на други организации, национални институции и експерти од оваа област.
20-21.11.2017, Скопје, Македонија
КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА:„ИНТЕГРАЦИЈА НА КОСОВСКИТЕ БЕГАЛЦИ, ТРАЈНИ РЕШЕНИЈА И ДОБРОВОЛНО ВРАЌАЊЕ“
Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, во соработка со Високиот Комесаријат за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР, на 20 и 21 ноември 2017 година во Скопје, организираше Регионална конференција на тема: „Интеграција на косовските бегалци, трајни решенија и доброволно враќање“, во рамките на проектот „Подобрување на системот на правна заштита по однос на азил и натурализација“.
Регионалната конференција беше резултат на претходно спроведените активности на Националниот превентивен механизам во насока на надминување на проблемите со кои косовските бегалци се соочуваат, и продолжение на Работилницата одржана на 31 мај 2017 година, на тема: „Состојбата со бегалците затекнати во РМ од периодот на Косовската криза“.
На Регионалната конференцијата учество зедоа претставници на домашни органи (Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда, претставници од судската власт), меѓународни организиации (Црвениот крст, International Organisation of Migration – ИОМ и Фондот за деца при Обединетите нации - UNICEF) и здруженија (Македонско здружение на младиправници - MYLA, Отворена порта - Ла страда и Легис), кои имаат релеванта улога во решавањето на состојбите поврзани со бегалците кои што во Република Македониај се затекнати од периодот на Косовската криза.
Покрај домашните, на Конференција учество зедоа и ги споделија своите искуства и согледувања во врска со бегалците од Косовската криза и претставници на Народен правобранител – Национален превентивен механизам од неколку земји во регионот - Албанија, Косово и Црна Гора.
Целта на Конференцијата беше да се согледаат предизвиците со кои се соочуваат косовските бегалци и да се презентираат можни решенија за истите, а во таа смисла, на Конференцијата беа презентирани активностите што секоја од институциите ги презема за подобрување на состојбите со косовските бегалци.
Притоа, во насока на полесно изнаоѓање решенија за состојбите со косовските бегалци, на Конференцијата беше презентирано и истражувањето спроведено од надворешниот експерт, на тема: „Трајни решенија за косовските бегалци: интеграција и доброволно враќање.“
На крајот од Конференцијата беа презентирани заклучоците кои произлегоа од истата, преку кои што беа предложени и можните решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат бегалците од Kосово.
31.10-03.11.2017, Бејрут, Либан
ПРЕТСТАВНИЦИ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ-НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ УЧЕСТВУВАА НА РАБОТИЛНИЦА НА ТЕМА: „МОНИТОРИРАЊЕ НА ИМИГРАЦИСКИОТ ПРИТВОР“
Претставници од канцеларијата на Народниот правобранител- Национален превентивен механизам од 31 октомври до 3 ноември 2017 година во Бејрут, Либан, учествуваа на работилница на тема „Мониторирање на имиграцискиот притвор“.
Работилницата е дел од програмата за комбинирано учење во однос на мониторирањето на имиграцискиот притвор и алтернативите на притворот, што ја спроведува Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации во соработка со Европската Унија.
За време на работилницата учесниците имаа можност да го продлабочат своето знаење, да разменат искуства, како и да јакнат вештини преку практични вежби.
27-28.10.2017, Сараево, Босна и Херцеговина
УЧЕСТВО НА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА „ЕКОНОМСКИ И СОЦИЈАЛНИ ПРАВА НА ПРИСИЛНО РАСЕЛЕНИТЕ ЛИЦА ОД КОНФЛИКТОТ ВО ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА“
- Претставник на Народниот правобранител-Националниот превентивен механизам учествуваше на Конференција на тема ,,Економски и социјални права на присилно раселените лица од конфликтот во поранешна Југославија“. Настанот се одржа на 27-28 јуни 2017 година, во Парламентарното Собрание на Босна и Херцеговина, Сараево, а беше организирана од Одделот на Европската социјална повелба на Советот на Европа.
На Конференцијата активно учество земаа претставници на омбудсман институциите, претставници на државни органи и претставници од граѓанскиот сектор од земјите-членки на Советот на Европа, а беа присутни и претставници на меѓународни организации УНХЦР, УНИЦЕФ, ОБСЕ и УНДП.
Работата на Конференцијата беше поделена во неколку сесии, во кои се разгледаа можностите за примена на Европската социјална повелба како алатка за заштита на социјалните и економските права на граѓаните, односно се анализираше практичната примена на Повелбата во пооделни држави.
Една од сесиите на Конференцијата беше посветена на тема ,,Подобрување на условите за живеење на раселените лица“, на која претставникот на НПМ од Република Македонија ја презентираше улогата и активностите на Народниот правобранител-НПМ, во правец на детектирање на состојбите и условите во кои престојуваат внатрешно раселените лица, како и постапувањето и мерките кои во текот на изминатиот период биле преземени за заштита на правата на овие лица.
18-19.10.2017, Казабланка, Мароко
ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ-НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ УЧЕСТВУВАШЕ НА ТРЕНИНГ СЕСИЈА НА ТЕМА: „ДЕОНТОЛОГИЈА НА БЕЗБЕДНОСНИТЕ СИЛИ И ПРАВАТА НА МИГРАНТИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА НИВНИТЕ МИГРАЦИСКИ ДВИЖЕЊА: УЛОГАТА НА ОМБУДСМАН ИНСТИТУЦИИТЕ“
Претставник од канцеларијата на Народниот правобранител- Национален превентивен механизам на 18 и 19 октомври, 2017 година учествуваше на тренинг сесија организирана од Асоцијацијата на омбудсмани на Медитеранот во Казабланка, Мароко на којашто домаќин беше Медијаторот на Кралството Мароко.
Темата на тренинг сесијата беше „Деонтологија на безбедносните сили и правата на мигрантите за време на нивните миграциски движења: улогата на омбудсман институциите“, а на истата учествуваа претставници на омбудсман институции од вкупно 16 медитерански земји, како и високи претставници на повеќе невладини и меѓународни институции.
Тренингот беше поделен во повеќе модули, на коишто учесниците имаа можност да го споделат своето искуство на темата и истовремено да се идентификуваат позитивните и негативните практики на постапување во секоја од државите.
17-18.10.2017, Брисел, Белгија
СОСТАНОК НА РАБОТНАТА ГРУПА ЗА АЗИЛ И МИГРАЦИЈА (A&M WG) НА ЕВРОПСКАТА МРЕЖА НА НАЦИОНАЛНИ ИНСТИТУЦИИ ЗА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА (ЕННХРИ/ENNHRI)
Претставник од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, на 18 и 19 октомври 2017 година присуствуваше на неколку работни средби коишто се одржаа во Брисел, Белгија, во организација на Европската мрежа на национални институции за заштита на човековите права (ЕННХРИ /ENNHRI) и Комесарот за човекови права на Совет на Европа.
Во текот на работните средби се одржаа неколку состаноци што се однесуваа на:
• Презентирање на клучните наоѓања и препораки од истражувањето за правото на мигрантите за пристап до информации, спроведено од членовите на ЕННХРИ, како и запознавање на членовите на Европскиот парламент со резултатите од спроведеното истражување;
• Заеднички состанок на ЕННХРИ и Советот на Европа (Комесар за човекови права на СЕ) на тема „Семејно обединување“;
• Состанокот на Работната група за Азил и Миграција (A&M WG), со цел ажурирање на членовите на групата со податоци и настани, споделување на информации, како и предлагање на идни активности на работната група.
Учесници на работната средба беа претставници на Канцелариите на Народен правобранител на бројни Европски држави, претставници на Германски Институт за човекови права, претставници на Холандски Институт за човекови права, како и претставници на останати национални институции за заштата на човекови права - членки на ЕННХРИ.
На работните средби се дискутираше и за организацијата на работата на Работната група за Азил и Миграција (A&M WG), во којашто досега Република Македонија не беше член. Во таа насока, беше искористена можноста Народниот правобранител на РМ, како член на Европската мрежа на национални институции за заштита на човековите права (ЕННХРИ /ENNHRI), и како институција за заштита на човекови права, да стане член и на Работната група за Азил и Миграција (A&M WG).
12-14.09.2017, Охрид, Македонија
КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА: „УЛОГАТА НА ОПШТИНИТЕ ВО ПРОЦЕСОТ НА ИНТЕГРАЦИЈА НА БЕГАЛЦИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“
Претставник од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам на 13 и 14 септември 2017 година присуствуваше на завршната конференција на тема: „Улогата на општините во процесот на интеграција на бегалците во Република Македонија“, во организација на Македонското здружение на млади правници, во рамки на проектот „Зајакнување на локалните актери во процесот на интеграција на бегалците во Македонија“ поддржан од Група 484, Србија и Норвешката амбасада во Белград, Србија.
Целта на конференцијата беше да се согледа улогата на општините во процесот на интеграција на бегалците, да се согледа можноста за спроведување на новата Стратегија за интеграција на бегалци и странци во Република Македонија, како и согледување на можностите за развивање на идејата за интеграција на бегалците во рамки на локалните акциски планови.
На конференцијата со којашто се одбележа и заокружи завршната фаза на проектот „Зајакнување на локалните актери во процесот на интеграција на бегалците во Македонија“, исто така беше презентирано и истражувањето за капацитетите на општините за интеграција на бегалци и странци, изработено во рамките на самиот проект.
14-18.08.2017, Бристол, Велика Британија
ЛЕТНА ШКОЛА „ПРИМЕНА НА СТАНДАРДНИТЕ МИНИМАЛНИ ПРАВИЛА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ЗА ТРЕТМАН НА ОСУДЕНИ ЛИЦА – НЕЛСОН МАНДЕЛА ПРАВИЛА – ПРИ МОНИТОРИРАЊЕ НА КАЗНЕНО – ПОПРАВНИ УСТАНОВИ“ (SUMMER SCHOOL “DETENTION MONITORING APPLYING THE UN NELSON MANDELA RULES”)
Претставник од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, учествуваше на обука – Летна школа „Примена на Стандардните минимални правила на Обединетите нации за третман на осудени лица – Нелсон Мандела правила – при мониторирање на казнено – поправни установи“ (Summer School “Detention monitoring applying the UN Nelson Mandela Rules”), што се одржа во Бристол, Велика Британија од 14-18 август 2017 година, во организација на Меѓународниот центар за казнени реформи (Penal Reform International) и Центарот за имплементација на човекови права, Универзитет во Бристол (Human Rights Implementation Centre, University of Bristol), во соработка со Асоцијацијата за превенција од тортура (Association for the Prevention of Torture/APT).
Учесници на обуката беа претставници на Националните превентивни механизми на бројни држави од целиот свет – Македонија, Аргентина, Бразил, Нов Зеланд, Шкотска, Велика Британија, Канада, Хрватска, Чешка, Финска, Норвешка, Шведска, Србија, Романија, Словенија, Швајцарија и др.
Обуката имаше за цел да ги прошири и подобри капацитетите на учесниците за спречување на тортура и секој друг вид на нехумано постапување со осудени лица, притоа употребувајќи ги ревидираните Стандардни минимални правила на Обединетите нации за третман на осудени лица – Нелсон Мандела правила. Исто така, обуката обезбеди и одлична можност да се состанат и да се поврзат претставници од различни Национални превентивни механизми ширум светот.
05-06.07.2017, Подгорица, Република Црна Гора
ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ–НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ УЧЕСТВУВАШЕ НА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА „ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА ВО ЗАТВОРИТЕ И ПСИХИЈАТРИСКИТЕ УСТАНОВИ“
Претставници од канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам на 05 и 06.07.2017 присуствуваа на конференција која се одржа во Подгорица, Црна Гора, организирана од страна на Омбудсман институцијата на Црна Гора помогната од Советот на Европа во рамки на активностите на Југоисточната Европска НПМ мрежа.
Тема на конференцијата беше „Здравствената заштита во затворите и психијатриските установи“ и на истата активно учевство земаа претставници од регионалните Омбудсман институции.
Претставниците од регионот во рамките на Југоисточната Европска НПМ мрежа, искористија одлична можност да ги презентираат моменталните состојби во затворските и психијатриските установи во контекст на здравствената заштита, наласувајќи ги добрите практики меѓутоа и негативни појави со кои се соочува здравствениот систем во установите каде лицата се лишени од слобода или нивната слобода на движење е ограничена.
Сумираните заклучоци и корисни практики на крајот од работилницата беа презентирана пред сите учесници, а притоа беа отворени и нови теми и проблематики за кои веројатно ќе се дискутира и полимизира и на некои следни собири.
Конференцијата заврши со презентирање на активностите на поединечните НПМ претставници и предлог за некои идни активности кои треба да се преземат и организираат.
16-18.06.2017, Струмица
КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА: „УЛОГАТА НА ОПШТИНИТЕ ВО ПРОЦЕСОТ НА ИНТЕГРАЦИЈА НА БЕГАЛЦИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“
- Претставник од Канцеларијата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, на 17 и 18 јуни 2017 година присуствуваше на Конференциja на тема: „Улогата на општините во процесот на интеграција на бегалците во Република Македонија“. Конференцијата беше организирана од страна на Македонското здружение на млади правници, во рамките на Проектот „Зајакнување на локалните актери во процесот на интеграција на бегалците во Македонија“, поддржан од Невладината организација Група 484 од Србија и Норвешката амбасада во Белград, Србија.
Целта на Конференцијата беше да се согледаат предизвиците со кои се соочуваат општините во процесот на интеграција на бегалците, како и нивните капацитети за интеграција на бегалци во рамките на општините, а во Проектот беа вклучени вработените во општините, претставниците на невладините организации и претставниците на Министерството за труд и социјална политика.
Заклучоците од оваа Конференција беа дека иако Република Македонија не е крајната цел и дестинација на бегалците, оние бегалци кои остануваат во земјата се соочуваат со бројни проблеми, вклучувајќи го и проблемот на нивното интегрирање. Притоа, беа лоцирани следниве отежнувачки фактори за интеграцијата на бегалците во Македонија - недостаток на свест кај граѓаните за прифаќање на странци, предрасуди, јазична бариера, висока стапка на невработеност, станбени проблеми, образовни проблеми и многу мал број, односно недостатокот на позитивни примери за интеграција на бегалци.
31.05.2017, Скопје
НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ ОДРЖА РАБОТИЛНИЦА НА ТЕМА „СОСТОЈБИТЕ СО БЕГАЛЦИТЕ ЗАТЕКНАТИ ВО РМ ОД ПЕРИОДОТ НА KОСОВСКАТА КРИЗА“
Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, во соработка со Високиот Комесаријат за бегалци на Обединетите Нации – УНХЦР, на 31 мај 2017 година во Скопје, организираше работилница на тема „Состојбите со бегалците затекнати во РМ од периодот на Kосовската криза“.
На работилницата покрај Народниот правобранител - Национален превентивен механизам, присуствуваа и активно учество земаа и претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда, претставници од судската власт, претставници на невладиниот сектор и меѓународни организации кои се директно вклучени како активни чинители во решавање на проблемите на бегалците од Kосовската криза.
Работилницата беше организирана така што сите учесници беа поделени во четири групи, во кои се дискутираше за претходно детектирани проблеми со кои се соочуваат бегалците од Kосовската криза и преку заедничка интеракција и давање на сугестии се настојуваше да се дадат конкретни насоки за решавање на посочените прашања.
На крајот од работилницата беа презентирани заедничките заклучоци кои произлегоа од работата по групи, преку кои се предложија можни решенија за надминување и решавање на дел од проблемите со кои се соочуваат бегалците од Kосово.
25-26.05.2017, Белград, Република Србија
ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ–НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ УЧЕСТВУВАШЕ НА РАБОТИЛНИЦА НА ТЕМА „ПОСТАПУВАЊЕ СО ЛИЦАТА СО МЕНТАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ ВО УСТАНОВИТЕ ВО КОИ СЕ ЛИШЕНИ ОД СЛОБОДА ИЛИ ПАК СО ОГРАНИЧЕНА СЛОБОДА НА ДВИЖЕЊЕ“
- Претставници на Народниот правобранител - Национален превентивен механизам на 25 и 26.05. 2017 година, присуствуваа на работилница која се одржа во Белград, Србија, организирана од страна на Српскиот Омбудсман во рамки на активностите на Југоисточната Европска НПМ мрежа.
Темата на работилницата беше со работен наслов „Постапување со лицата со ментална попреченост во установите во кои се лишени од слобода или пак со ограничена слобода на движење“ и на истата учевство земаа претставници од регионалните Омбудсман институции и неколку домашни и меѓународни организации.
Работилницата беше организирана на начин на кој учесниците се поделија во неколку групи и во две работни сесии активно разговараа и разменуваа искуство и практики на две теми. Првата тема се однесуваше на постапувањето со лицата со ментална попреченост во полициските станици, затворите и при употреба на мерките за безбедност додека пак втората тема ја опфати проблематиката и постапувањето со овие луѓе во психијатриските и социјалните установи.
Сумираните заклучоци и корисни практики на крајот од работилницата беа презентирана пред сите учесници, а притоа беа отворени и нови теми и проблематики за кои веројатно ќе се дискутира и полимизира и на некои следни собири.
Работилницата во рамките на Југоисточната Европска НПМ мрежа заврши со презентирање на активностите на поединечните НПМ претставници и предлог за некои идни активности кои треба да се преземат и организираат.
29-30.11.2016, Загреб
ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ–НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ УЧЕСТВУВАШЕ НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО РАМКИТЕ НА АКТИВНОСТИТЕ НА ЈУГОИСТОЧНАТА ЕВРОПСКА НПМ МРЕЖА
- Претставници од Народниот правобранител – Национален превентивен механизам на 29 и 30.11. 2016 година, учествуваа на конференција која што се одржа во Загреб, Хрватска, во рамките на активностите на Југоисточната Европска НПМ мрежа.
Конференцијата беше организирана од страна на Хрватскиот Омбудсман и Институтот за човекови права „Лудвиг Болцман“, а помогната од Швајцарската амбасада во Загреб и Советот на Европа, со цел одбележување на 10 годишнината од воспоставувањето на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување (ОПКАТ).
На конференцијата присуствуваа претставници од регионалните Омбудсман институции, кои на работилниците разменуваа искуства и различни ставови на три различни теми и тоа: „Ревидирани правила на Мандела“, „Степен на имплементација на препораки дадени од страна на Омбудсман институциите“ и „Улогата на мониторинг телата во справувањето со бегалската/мигрантската криза“.
Преставниците на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам имаа одлична можност да учествуваат активно во спроведените работилници со цел размена на искуства и практики и да се вклучат во планирањето на идните активности кои треба да се спроведат во рамките на Југоисточната Европска НПМ мрежа.
26-30.10.2016, Скопје
ОБУКА НА ТИМОТ НА НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ
- Во периодот од 26-ти до 30-ти септември беше спроведена обука на тимот на Националниот превентивен механизам од страна на експерти од различни области и тоа: правни науки, човекови права и полицијата, психијатрија и форензика.
Обуката беше спроведена со цел да се зајакнат вештините и знаењата на тимот при мониторирање на установите и местата на лишување од слобода и задржување, размена на практични искуства, добивање на стручни сознанија од различни области, со цел поуспешно детектирање на евентуални ризици од мачење и друг вид на сурово, нечовечко постапување или казнување.
Првиот ден обуката опфати теоретски и практични предавања за методологијата на мониторирање во местата на лишување од слобода и задржување на лица. Во продолжение на првиот ден на обуката, беа презентирани компаративни случаи од праксата, за тоа како постапуваат Националните превентивни механизми од соседните земји. Воедно, се осврнавме и на начинот на комуникација со задржаните лица и со одговорните овластени лица во институциите, со акцент на меѓународната и домашната правна регулатива која ја третира оваа материја.
Исто така, заради стекнување на практични искуства во теренското мониторирање, во рамките на обуката беа посетени, ЈЗУ Психијатриска болница Скопје, Затвор Скопје – Скопје, Прифатен центар за странци – Гази Баба и Полициска станица Чаир.
23-24.08.2016, Велес
ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ–НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ УЧЕСТВУВАШЕ НА ОБУКА ЗА СТАНДАРДНИТЕ ОПЕРАТИВНИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ПРИФАТНИОТ ЦЕНТАР ЗА СТРАНЦИ
- Претставник на Народен Правобранител – Национален Превентивен Механизам, учествуваше на обука за Стандардните оперативни процедури за Прифатниот центар за странци, која под покровителство на Меѓународната Организација за Миграции (ИОМ) се одржа на 23 и 24 август во Велес.
На обуката беа презентирани принципите на кои се темелат Стандардните оперативни процедури за Прифатниот центар за странци, коишто имаат за цел операционализација на Законот за странци и Правилникот за куќниот ред на Прифатниот центар за странци.
13-15.04.2016, Охрид
ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ–НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ УЧЕСТВУВАШЕ НА СЕМИНАР ЗА ПОСТАПУВАЊЕ СО РАНЛИВИ КАТЕГОРИИ НА ЛИЦА
- Претставник на Народен Правобранител – Национален Превентивен Механизам, учествуваше на семинар, која од 13 до 15 април се одржа во Охрид, а на која се изработи финалната верзија на Стандардно оперативните процедури за постапување со ранливите категории на лица-странци, како што се бремените жени, децата,самохраните родители.Овој документ планирано е да биде водич кој ќе помогне да се обезбеди соодветен пристап кон овие ранливи групи.
Инаку, работилницата беше во организација на Секторот за азил при Одделот за граѓански работи, Министерство за внатрешни работи и Канцеларијата на УНХЦР во Скопје.
9-11.05.2016, Приштина, Република Косово
„ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ВЕШТИНИТЕ ЗА МОНИТОРИРАЊЕ НА МАЛОЛЕТНИЧКИТЕ ЗАТВОРИ“ ТЕМА НА ОБУКАТА НА КОЈА ПРИСУСТВУВАШЕ ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ-НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ
Претставник на Народен Правобранител – Национален Превентивен Механизам во периодот од 9-11 мај учествуваше на тридневен тренинг на тема „Зајакнување на вештините за мониторирање на малолетничките затвори во Албанија, Косово и Македонија”.
Тренингот беше организиран од страна на „Матра КоПРОЛ“ проектот “Подобрување на затворските услови за реинтеграција на малолетничките затвори во Албанија, Косово и Македонија”, поддржан од страна на Холандското министерство за надворешни работи. Овој проект е развиен заедно со обучувачи од Интернационалната пенетрицијална реформа врз претходно извршена анализа со проект партнерите од сите три земји.
Во Република Македонија, овој проект се имплементира до мај 2017 година во соработка со Управата за извршување на санкциите, КПД Охрид, ВПД Тетово и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.
На тренингот учество земаа и претставници од канцелариите на Омбудсманите – Национален Превентивен Механизам на Албанија и Косово, претставниците на Хелсиншки комитети на Македонија, Албанија, Косово и Холандија, Центарот за рехабилитација на жртви од тортура во Косово и правници од Албанија.
Обуката беше организирана со интерактивни предавања на кои преку практични вежби и случаи за разработка, се настојуваше да се совлада техниката за што посериозно мониторирање на местата каде лицата се лишани од слобода.Во текот на вториот ден на семинарот се изврши најавена посета на малолетничкиот затвор во Липјан, каде како дел од практична вежба мониторирање на затвор, се вежбаше процесот на мониторирање и се направи одлична обиколка на внатрешноста на затворот во Липјан.
13-15.04.2016, Охрид
ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ–НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ УЧЕСТВУВАШЕ НА СЕМИНАР ЗА ПОСТАПУВАЊЕ СО РАНЛИВИ КАТЕГОРИИ НА ЛИЦА
- Претставник на Народен Правобранител – Национален Превентивен Механизам, учествуваше на семинар, која од 13 до 15 април се одржа во Охрид, а на која се изработи финалната верзија на Стандардно оперативните процедури за постапување со ранливите категории на лица-странци, како што се бремените жени, децата,самохраните родители.Овој документ планирано е да биде водич кој ќе помогне да се обезбеди соодветен пристап кон овие ранливи групи.
Инаку, работилницата беше во организација на Секторот за азил при Одделот за граѓански работи, Министерство за внатрешни работи и Канцеларијата на УНХЦР во Скопје.
18.12.2015, Скопје
ПОСЕБЕН ИЗВЕШТАЈ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА ЦЕНТРИТЕ ЗА СМЕСТУВАЊЕ НА МИГРАНТИТЕ
- Народниот правобранител по спроведените посети на Центрите за сместување на мигранти- Центарот „Винојуг„-Гевгелија и Транзитниот центар “Табановце“ изготви и достави Посебен извештај за утврдените соостојби во кој даде конкретни препораки за подобрување на условите за сместување и престој на мигрантите.
Народниот правобранител утврди нехумани услови во Центарот „Винојуг„-Гевгелија и тоа во сите сегменти, почнувајќи од прифатот на мигрантите, нивната регистрација, условите за престој особено сега во зимските услови, храната, здравствената заштита, како и третманот на ранливите категории децата, жените и инвалидизираните лица.Народниот правобранител констатира директна дискриминација при наплатата на билетите за теранспорт на мигрантите и прекршување на Женевската конвенцијата за статусот на бегалците.
Што се однесува ,пак, до условите во Транзитниот центар “Табановце“ народниот правобранител посебно изрази загриженост за состојбата со транспортот на ранливите групи, кои заради лошата организација и координација оставени се да пешачат по диви калливи патеки, иако на само неколку метри од нив се наоѓа регуларниот граничен премин.
Посебниот извештај е доставен до Владата на Република Македонија, до Министерот за внатрешни работи, Министерот за труд и социјална политика,Директорот на ЦУК, Управителите на Центрите, до Управувачкиот комитет за справување со кризни ситуации и до УНХЦР.
23.12.2014, Охрид
ТРКАЛЕЗНА МАСА НА ТЕМА „ПРАВОТО И ПРАКСАТА ВО ЗАШТИТА НА БЕГАЛЦИТЕ И КРИУМЧАРЊЕ НА МИГРАНТИ БАРАТЕЛИ НА АЗИЛ И БЕЗБЕДНОСНАТА ПРОВЕРКА“
- Правото и праксата во заштита на бегалците и криумчарење на мигранти/ баратели на азил и безбедносна проверка на барателите на азил беше тема на тркалезната маса организирана од Канцеларијата на Високиот комесар за бегалци (UNHCR) и Академијата за судии и јавни обвинители на која учествуваше и претставник од Националниот превентивен механизам.
На тркалезната маса беа дискутирани прашањата во делот на превенција и борба против криумчарењето на мигранти предизвиците во истрагата со посебен акцент на заштитата на жртви и сведоци, спроведувањето на Законот за азил и привремена заштита како и значењето на закана по безбедноста на државата во релација со барањата за азил. Претставникот на Националниот превентивен механизам имаше излагање на тема: „Мандат и препораки за местата каде се лишуваат и привремено задржуваат илегални мигранти и странци” со посебен акцент на задржувањето на жени и деца и потребата од обезбедување на соодветни услови на сместување што се утврдени и со практиката на Европскиот суд за човекови права.
22.12.2014 Скопје
ПРЕТСТАВНИК НА НПМ УЧЕСТВУВАШЕ НА ПРЕТСТАВУВАЊЕTO НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА НАЦРТ НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ЗАТВОРСКИОТ СИСТЕМ
- Претставник на Националниот превентивен механизам (НПМ) на 22 декември 2014 година учествуваше на тркалезна маса организирана од Програмската канцеларија на Совет на Европа во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“ на која беше презентирана нацрт Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем, како и Акциониот план за реализација.
На тркалезната маса беа разменети искуства за потребата од воведување на промени во пенитенцијарниот систем, постоечките проблеми и клучни полиња на развој, претставување на Националната стратегија, како и дискусија за можноста за вклучување во нејзиното финализирање.
22.10.2014, Скопје
БИЛАТЕРАЛНА СРЕДБА НА МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ СО ПРЕТСТАВНИК НА УНГАРСКИОТ ОМБУДСМАН
- Претставници на Националниот превентивен механизам (НПМ) остварија работна средба со претставникот на Унгарскиот Омбудсман, г.Гергели Флигауф – шеф на ОПКАТ Бирото. На оваа средба Македонскиот НПМ го запозна г. Флигауф со методологијата на спроведување на превентивни посети и начинот на соработка со надворешните експерти, како и со соработници од повеќе професионални здруженија.
На средбата беше заклучено дека посебно е значајна разнеманата на искуствата кои ги има Македонскиот НПМ како и членството во Мрежата на НПМ од Југоисточна Европа, а на г. Флигауф му беа презентирани и искуствата од соработката со надлежните тела.
20-21.10. 2014, Скопје
РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА „МОНИТОРИНГ НА ПСИХИЈАТРИСКИТЕ УСТАНОВИ ВО НАСОКА НА ЗАШТИТА ОД ТОРТУРА И ДРУГО НЕХУМАНО ПОСТАПУВАЊЕ“
„Мониторинг на психијатриските установи во насока на заштита од тортура и друго нехумано постапување“ беше темата на Регионалната Конференција која се одржа во Скопје во организација на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската Комисија (TAIEX), а во соработка со Народниот правобранител – Национален превентивен механизам(НПМ).
На регионалната конференција учествуваа претставници од Националните превентивни механизми од Југоисточна Европа, Европскиот Комитет за превенција од тортура, како и Подкомитетот за превенција од тортура на Обединетите Нации. Меѓу останатите учесници беа и претставници на психијатриските установи во Република Македонија, Здружението на психијатри на Република Македонија, како и Здружението на форензичари при Институтот за судска медицина.
Значењето на оваа Конференција беше од посебно значење бидејќи беа презентирани искуствата на Националните превентивни механизми од регионот. Свои презентации за Надлежностите на НПМ во психијатриските установи имаа г. Иван Шелих-заменик омбудсман на Словенија и шеф на НПМ мрежата за Југоисточна Европа кој зборуваше на тема „Мандатот на НПМ и слободата на движење“ додека проф.др.Слаѓана Штркаљ, психијатар, член на хрватскиот НПМ говореше за „Улогата на психијатарот во превентивните посети на НПМ“. Претставникот на НПМ тимот на Австрија проф.др, Ернст Бергер зборуваше за „Надзор на човековите права во институции за ментално здравје, примери од Австрија“ .
На Конференцијата беа презентирани и Стандардите во Словенија со посебен аспект на средствата за ограничување, како и постапувањето со ранливите групи, третманот на лицата со присилна хоспитализација и деинституционализација на лицата со ментални заболувања, а беа презентирани и Стандардите на Европскиот Комитет за превенција од тортура, како и Улогата на Подкомитетот за превенција од тортура на Обединетите нации.
Дел од препораките кои се донесоа на Регионалната конференција беа во насока на поголема заштита на пациентите на психијатриските установи, поголема информација за нивните права, почитување на доброволноста, како продолжување на ваков вид настани со кои ќе се споделуваат искуствата и добрите пракси во насока на превенција од тортура или друго нехумано постапување.
15-17.10.2014 Скопје, Битола и Штип
ПРЕТСТАВНИК НА НПМ УЧЕСТВУВАШЕ ВО ПРОЕКТОТ „ЈАКНЕЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ОРГАНИТЕ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СООДВЕТНО ПОСТАПУВАЊЕ СО ЗАДРЖАНИ И ОСУДЕНИ ЛИЦА“
Од 15 до 17 октомври во Скопје, Битола и Штип во рамките на Проектот за Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица кој го спроведува Програмската канцеларија на Совет на Европа, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи и Академијата за судии и јавни обвинители, се одржаа работилници на кои учествуваше и претставник на Националниот превентивен механизам (НПМ).
На овие работилници претставникот на НПМ ги запозна учесниците со улогата на Народниот правобранител -Национален превентивен механизам – контрола над постапувањето со приведените и задржаните лица. Исто така, беа презентирани и препораките на НПМ тимот за превентивно делување во насока на спречување на тортура и друг вид на нехумано постапување.
17-19.09.2014 Загреб, Хрватска
ПРЕТСТАВНИЦИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ ОСТВАРИЈА СТУДИСКА ПОСЕТА ВО ХРВАТСКА
- Претставници на Националниот превентивен механизам (НПМ) заедно со претставник од Одделението за меѓународна соработка преку Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија – TAIEX, од 17 до 19 септември остварија студиска посета на Хрватскиот НПМ на кој беа разменети искуства и практики во доменот на превенција од тортура во местата на лишување од слобода.
За време на тридневната посета беа разменети искуства и за методологијата на превентивни посети на Националните превентивни механизми. Посебен акцент при посетата беше ставен на најдобрите практики на Хрватска во справувањето со ранливите групи во местата за лишување од слобода, со посебен фокус на жените и лицата со ментална болест.
Македонскиот тим заедно со Националниот превентивен механизам (НПМ) на хрватскиот омбудсман спроведе посета на женскиот затвор Пожега и Психијатриската болница во Поповача.
13-15.08.2014, Белград
Претставник од Македонскиот НПМ на покана на Совет на Европа учествуваше на дводневна работилница во Белград и преку презентација ги запозна членовите на Грузискиот Национален превентивен механизам со досегашните активности, методологијата на спроведување на посети и следењето на имплементација на дадените препораки.
Работилница беше организирана во рамките на Заедничката програма на ЕУ и Совет на Европа “ Човекови права во затвори и други затворени институции во Грузија”, а на неа беа присутни и претставници од Националните превентивни механизми на Република Србија, Чешка и Полска. Основната цел на работилницата беше зајакнување на капацитетите на НПМ од Грузија, но и размена на искуства и најдобри практики меѓу телата кои вршат мониторинг на места на лишување од слобода.
06.12.2013, Скопје
ЗАШТИТА НА МАЛОЛЕТНИ ЛИЦА ПРИ ПОЛИЦИСКО ЗАДРЖУВАЊЕ
„Со децата кои се лишени од слобода треба да се постапува со почитување на достоинството, како и да се земат предвид потребите согласно возраста на лицата. Продолжување на специјализирани обуки согласно насоките на Стандардните минимални правила на Обединетите нации за постапување со малолетни лица, со особен акцент на полициските службеници кои имаат прв контакт со децата“. Ова се дел од заклучоците од работилницата „Заштита на малолетните лица при полициско задржување„ што во организација на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија (TAIEX), а во соработка со Народниот правобранител се одржа во Скопје.
Работилницата ја отвори народниот правобранител г. Иџет Мемети, а поздравни говори имаа и преставникот на делегацијата на Европската Унија г.Јаромир Лавичек, преставникот на УНИЦЕФ др.Бертран Десмулин и др.проф Владимир Ортаковски, претседател на Државниот совет за превенција на детско претстапништво.
За домашната законска поставеност за заштита на малолетните лица при задржување во полициски станици и усогласеноста со стандардите на поткомитетот за превенција од тортура на Обединетите нации зборуваше г-ѓа Анета Станчевска, помошник министер во министерството за внатрешни работи и член на Поткомитетот. За „Улогата на Советот за малолетничка деликвенција во насока на превенција и заштита на правата на малолетните лица кои се во судир со законот“, говореше г-ѓа Лилјана Јаковчевска од Државниот совет за превеција на детско претстапништво, додека искуствата од Полска во поглед на заштитата на малолетниците ја пренесе г.Војтек Садовник, претставник на полскиот нпм.
Целта на работилницата беше преку дискусии и размена на искуства да се придонесе кон подобрување на условите за задржување на малолетниците како и да се зајакне заштитата на нивните права.
ЗАКЛУЧОЦИ
10.12.2013, Скопје
НАЦИОНАЛНИОТ ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ ОДРЖА ПРЕДАВАЊЕ НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ
- По повод Меѓународниот ден за човековите права, 10 декември, Националниот превентивен механизам (НПМ), одржа предавање на Факултетот за безбедност на тема ,,Правата на лицата лишени од слобода”. Особено внимание беше посветено на правата на децата во местата на лишување од слобода, состојбите со казнено-поправните установи, како и потребата од почитување на правата на лицата кои се лишени од слобода.
На овој настан, Националниот превентивен механизам ги запозна студентите со Годишниот извештај за 2012 година, улогата која ја има Одделението за превенција од тортура, како и дадените укажувања и препораки, со цел почитување на правата на лицата лишени од слобода.
21-22.11.2013, Стразбург, Франција
Во организација на Совет на Европа и Националниот превентивен механизам (НПМ) на Обединетото Кралство, на 21 и 22 ноември во Стразбург, Франција, се одржа Конференција на тема “Задржувањето на имигранти во Европа – Воспоставување заеднички заложби и развивање на минимални стандарди”.
На Конференцијата учествуваше и претставник на македонскиот НПМ, а на истата беа присутни повеќе од 20 претставници на НПМ-ми од поголемиот број земји во Европа, како и претставници на Комитетот за превенција од тортура на Совет на Европа, Подкомитетот за превенција од тортура на Обединетите Нации, Асоцијацијата за превенција од тортура и други меѓународни организации.
Свое излагање имаа претседателите на Комитетот за превенција од тортура на Совет на Европа и Подкомитетот за превенција од тортура на Обединетите Нации, а посебно внимание беше посветено на пристапот до правна помош за имигрантите сместени во прифатните центри, грижата за жените и другите ранливи групи, здравствената заштита, како и безбедноста и социјалните активности.
Претставниците на Националните превентивни механизми, преку работни групи дискутираа за воспоставувањето на стандарди коишто треба да бидат исполнети во поглед на правата и условите во кои се сместуваат имигрантите, а на крајот од конференцијата беше утврдено дека е потребно да се достави Декларација до европските тела за потребата од развивање на стандарди, во поглед на имиграционите центри кои би ја имале јачината на Европските затворски правила.
29.10.2013, Скопје
РАБОТИЛНИЦА НА ТЕМА УЛОГАТА НА СУДИЈАТА ВО ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ЛИЦАТА ЛИШЕНИ ОД СЛОБОДА
Во организација на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија (TAIEX), а во соработка со Народниот правобранител се одржa работилница на тема „Улогата на судијата во остварување на правата на лицата лишени од слобода“ на која судии, експерти разменија искуства за ова прашање.
„Денешната тема е од особена важност имајќи ја во предвид улогата која ја имаат судиите во делот на почитувањето и заштитата на правата на лицата лишени од слобода.Европските затворски правила уредуваат, со сите лица лишени од слобода да се постапува со почитување на нивните права, а ограничувањата да бидат сведени на минимум неопходни мерки кои ќе бидат сразмерни на легитимната цел која треба да се постигне“, рече народниот правобранител г. Иџет Мемети на отворањето на работилницата.
На темата „Почитување и заштитата на лица лишени од собода во текот на судската постапка“ зборуваше судијата во Врховниот суд на Република Македноија г. Џемали Саити, а за „Судскиот надзор во извршување на санкциите заради остварување на правата на лицата лишени од слобода“ говореше г. Миле Димовски судија за извршување на санкциите во Основен суд Битола.
За меѓународните стандарди и практиката на Европскиот комитет за превенција од тортура во поглед на улогата на судијата зборуваше г. Марио Феличе поранешен член на овој комитет, додека компаративен приказ за важноста на судската заштита даде г.Петер Кастнер, преставник на Омбудсман инстутуцијата на Австрија.
24-25.10.2013, Белград
СОСТАНОК НА БАЛКАНСКАТА МРЕЖА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ПРЕВЕНТИВНИ МЕХАНИЗМИ
- „Улогата на лекарот во остварувањето на превентивни посети со цел заштита на лицата лишени од слобода“, беше една од темите кои беа опфатени на дводневниот состанок на Балканската мрежа на национални превентивни механизми (НПМ) одржан во Белград, Република Србија. На оваа средба присуствуваше претставник на Националниот превентивен механизам од канцеларијата на македонскиот омбудсман, како и надворешен соработник – психијатар од Здружението на психијатри на Република Македонија.
На средбата организирана од медицинската група на НПМ мрежата на Југоисточна Европа, исто така се опфатија и темите за мултидисциплинарниот пристап на работата на НПМ, стандардите на здравствена заштита во местата на лишување од слобода, улогата на здравствените работници во превенција од тортура, како и стандардите за психијатриски установи од значење за работата на НПМ.
Средбата беше организирана преку канцеларијата на Омбудсманот на Република Србија со поддршка на Мисијата на ОБСЕ, а на неа присуствуваа претставници на НПМ, како и лекари кои учествуваат во превентивните посети од Албанија, Македонија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина.
Мултидисциплинарен пристап на Националниот превентивен механизам
- Согласно член 18 од Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура, Народниот правобранител – Национален превентивен механизам (НПМ) во изминатиот период вклучи експерти кои имаат професионални познавања во делот на овластувањата кои ги презема механизмот во местата на лишување од слобода и со тоа обезбеди мултидисциплинарен пристап при спроведувањето на превентивните посети, што е и една од препораките на Асоцијацијата за превенција од тортура.
Во таа насока потпишани се меморандуми за соработка со седум професионални здруженија кои како надворешни соработници од областа на психијатријата, психологијата, социјалната работа, дефектологијата, судската медицина и криминологијата, беа вклучени и ќе се вклучат согласно Годишната програма за 2013 година во работата на НПМ тимот. Исто така, договорена е соработка со Македонското здружение на млади правници како официјално регистрирано здружение за давање на бесплатна правна помош.
01 -03.07.2013 Копенхаген, Данска
Претставник на Националниот превентивен механизам(НПМ) заедно со претставник од Одделението за меѓународна соработка преку Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија – TAIEX, оствари студиска посета на Данскиот НПМ на кој беа разменети искуства и практики во доменот на превенција од тортура во местата на лишување од слобода.
Посебен акцент при посетата беше ставен на соработката со граѓанскиот сектор при што беа реализирани средби со претставниците на Данскиот Институт за човекови права и Данскиот институт против тортура. Исто така, беше одржан состанок со Дирекцијата за затвори и пробација при Министерството за правда, а беше посетен и затворот во Копенхаген.
При студиската посета беше разговарано и за идната соработка помеѓу двете омбудсман институции во насока на заштита на правата на граѓаните.
10.05.2013, Скопје
ВИДЕО НАДЗОР ВО МЕСТАТА НА ЛИШУВАЊЕ ОД СЛОБОДА
Народниот правобранител-Национален превентивен механизам со поддршка на TAIEX програмата и во соработка со Дирекцијата за заштита на личните податоци на 10 Мај 2013 година одржа работилница на тема “Видео надзорот во местата на лишување од слобода”.
На работилницата поздравни говори имаа Народниот правобранител, г. Мемети, директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, г. Димитар Ѓеорѓиевски, како и претставник од Европската делеганција, г. Мафредас Лимантас.
На работилницата беа презентирани наодите на Националниот превентивен механизам во делот на видео надзор во местата на лишување од слобода, како и искуствата на Чешкиот НПМ по однос на оваа тема. Воедно беа презентирани меѓународните стандарди за заштита на податоците со осврт на видео надзорот во местата на лишување и регулативата за видео надзор содржана во домашната легислатива за заштита на личните податоци.
Свои искуства и размислувања по однос на темата споделија и претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, како и Министерството за здравство.
На крајот од работилницата беа утврдени и основните заклучоци по однос на обезбедувањето на правото на приватност во местата на лишување од слобода, почитувајќи го личниот интегритет на лишените лица, но и обезбедувајќи заштита и безбедност на местата каде се врши лишување од слобода.
16.04.2013 и 25.04.2013, Скопје
Претставниците на Националниот превентивен механизам на 16.04 и 25.04.2013 година одржаа предавање во Центарот за обуки при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи каде се спроведува основна обука за полициски службеници за генерација 2012/2013 година.
Предавањата се одржаа на 4 групи слушатели на обуката за полициски службеници при што беа опфатени темите од областа на улогата на Народниот правобранител во заштитата на човековите права, Полицијата и човековите права, како и за улогата на Националниот превентивен механизам како тело кое врши превентивни посети во местата на лишување од слобода.
25-26.03.2013,Белград, Р.Србија
СРЕДБА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ПРЕВЕНТИВНИ МЕХАНИЗМИ (НПМ) ОД ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА НА КОЈА УЧЕСТВУВАШЕ И ПРЕСТАВНИК НА НПМ ОД МАКЕДОНИЈА
Претставник на Националниот превентивен механизам од Македонија учествуваше на средбата одржана на 25 и 26 март во Белград, Србија каде се донесе Декларација за соработка на Националните превентивни механизми на Југоисточна Европа. Средбата се одржа во организација на Омбудсманот на Србија и Мисијата на ОБСЕ во Србија, а на истата присуствуваа и Националните превентивни механизми од Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Србија.
Со Декларацијата за соработка присутните НПМ се договорија да се унапредува досегашната соработка која постои во регионот на Југоисточна Европа, како и да се овозможи меѓусебна поддршка и создавање на услови за ефикасно остварување на мандатот кој произлегува од Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување
Претставникот на Националниот превентивен механизам од Македонија на средбата ја презентираше методологијата на работа како и изготвувањето на годишен извештај што претставува обврска согласно член 23 од Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.
Покрај регионалните НПМ на средбата присуствуваа претставници од Народниот правобранител на Босна и Херцеговина, Поткомитетот за превенција на тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување при Обединети Нации, Европскиот Комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување , Совет на Европа , Асоцијацијата за превенција од тортура, други меѓународни релевантни институции, како и здруженија на граѓани кои соработуваат со Националниот превентивен механизам на Србија.
ОТПЕЧАТЕН НОВИОТ ПРИРАЧНИК ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРЕВЕНТИВНИ ПОСЕТИ НА ПОЛИЦИСКИТЕ СТАНИЦИ
Асоцијацијата за превенција од тортура (АПТ) го презентираше најновиот прирачник за спроведување превентивни посети: „Мониторинг над полициското задржување – практичен водич“. Овој прирачник е наменет за националните превентивни механизми ширум светот и истиот претставува алатка која ќе им помогне на механизмите при подготовката за посетите на полициските станици.
Исто така, во овој водич дадени се практични примери и насоки за начинот на спроведувње на посетата, а воедно посочувени се и релевантните меѓународно-правни стандарди во делот на правата на лицата приведени или задржани во полициска станица.
Претставник на националниот превентивен механизам на Република Македонија придонесе кон изготовката на оваа алатка преку давање забелешки и коментирање на финалната верзија на прирачникот. Публикацијата е достапна на англиски јазик на следниот линк:- http://www.apt.ch/content/files_res/monitoring-police-custody_en.pdf
19 -20 09.2012,Скопје
Во рамки на Твининг проектот за поддршка на Народниот правобранител во кој учествуваат Националниот омбудсман на Шпанија и Медијаторот на Франција, на 19 и 20 септември се одржа работен состанок со Шпанскиот национален превентивен механизам (НПМ) и преставник од Францускиот омбдусман.
На работната средба македонскиот и шпанскиот НПМ разменија искуства од последователните посети на местата на лишување од слобода, а беа презентирани и годишните извештаи за 2011 година на двата НПМ. Македонскиот НПМ го презентираше посебниот извештај за Полициката станица- Кавадарци, во која двата тима реализира заедничка посета во април минатата година. Воедно на овој состанок беше истакната важноста од досегашната соработка, како и потребата за продолжување на вакви активности со цел успешна реализација на овластувањата што ги има НПМ во доменот за заштита на човековите права.
18-20.09.2012 Париз, Франција
Во организација на Асоцијацијата на Омбудсмани на Медитеранот во Париз од 18 до 20 септември 2012 година се спроведе тренинг на тема “Справувањето на Медијаторите и Омбудсманите со феноменот на миграција” на која учествуваше и претставник на Националниот превентивен механизам од Република Македонија.
На тренингот беа опфатени темите за спроведувањето на стандардите на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права при постапувањето со мигрантите, потоа како Омбудсманите комуницираат и стапуваат во контакт со мигрантите, контролата на Европскиот Омбудсман врз европските агенции кои вршат депортација на илегалните мигранти и кои се надлежни за контрола на надворешните граници. Исто така стана збор и за тоа кое е влијанието на Омбудсманот врз јавните политики со кои се регулира постапката и третманот на мигрантите, состојбата со непридружувани малолетни лица како и други меѓународни и национални стандарди за заштита на мигрантите.
11-15.06.2012 Мадрид, Шпанија
Во период од 11 до 15 јуни, во рамките на Твининг проектот за поддршка на Народниот правобранител на Република Македонија, беше остварена студиска посета на Шпанскиот Омбудсман. Во состав на делегацијата беше и претставник на Националниот превентивен механизам.
При студискиот престој претставникот на НПМ одржа работен состанок со Шпанскиот Национален превентивен механизам, на кој се разменија искуства за делот на превентивни посети на местата за лишување од слобода, а беше посетен и еден центар за малолетници во Мадрид. Притоа НПМ-те идентификуваа ризици кои може да доведат до тортура или друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување и беа дадени соодветни препораки со кои би требало да се подобрат состојбите и постапувањето со лицата лишени од слобода.
12-13.06.2012, Белград, Србија
Претставник на НПМ учествуваше на деветата тематска работилница на европските Национални превентивни механизми на тема „Илегални мигранти, Фронтекс и Националните превентивни механизми“ што под покровителство на Советот на Европа се одржа во Белград, Србија.
На состанокот учествуваа претставници од поголемиот број на востановени НПМ-и во Европа, а дискусијата се водеше во насока на утврдување на можната улога на НПМ-и при мониторинг над враќањето на илегалните мигранти во земјите на нивното потекло, како и при прифаќањето на вратените мигранти по договорите за реадмисија. На овој состанок претставникот на Народниот правобранител на РМ како Национален превентивен механизам имаше свое излагање.
05-07.06.2012, Тирана, Албанија
Претставник на НПМ учествуваше на работниот состанок на Националните превентивни механизми на Албанија, Македонија, Словенија и Србија што од петти до седми јуни се одржа во Тирана, Република Албанија. Средбата беше организирана во рамките на проектот на Советот на Европа за соработка и јакнење на капацитетите на европските НПМ-и, а домаќин на средбата беше Албанскиот Омбудсман.
На состанокот беа разменети искуства за методологијата на посетите на психијатриски установи, а вториот ден беше посетена психијатриската клиника во Тирана по што беа изготвени укажувања и препораки за надминување на констатираните недостатоци.
23-24.04.2012, Скопје и Кавадарци
РАБОТЕН СОСТАНОК НА МАКЕДОНСКИОТ И ШПАНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ

Во рамки на твининг проектот за поддршка на Народниот правобранител во кој учествуваат Националниот омбудсман на Шпанија и Медијаторот на Франција, на 23 и 24 април се одржа работен состанок со Шпанскиот национален превентивен механизам (НПМ). На работната средба македонскиот и шпанскиот НПМ разменија искуства од превентивните посети на местата на лишување од слобода.
Двата тима ја посетија Полициската станица во Кавадарци и дадоа заеднички согледувања и препораки со кои би требало да се подобрат состојбите за задржување и приведување. Едновремено беа идентификувани ризиците кои може да доведат до тортура или друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.
20-21.03.2012, Женева, Швајцарија
ПРЕТСТАВНИК НА НПМ УЧЕСТВУВАШЕ НА РАБОТНА СРЕДБА ВО ЖЕНЕВА НА КОЈА СЕ ЗБОРУВАШЕ ЗА МОНИТОРИНГОТ НА ПОСТАПУВАЊЕТО СО ЛИЦАТА КОИ СЕ ДЕПОРТИРААТ
Претставник на Националниот превентивен механизам на 20 и 21 март учествуваше на работна средба во Женева, Швајцарија организирана и поддржана од Советот на Европа преку Проектот за воспоставување активна мрежа на национални превентивни механизми (НПМ) .
На оваа работна средба присуствуваа националните превентивни механизми, како и други меѓународни тела кои се вклучени во мониторирањето ризици од тортура или друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување при депортацијата на илегални мигранти. На самата работилница беа вклучени и експерти од Европскиот комитет за спречување тортура, Поткомитетот за превенција на тортура, Асоцијацијата за превенција на тортура, претставници на Европската унија и членови на Меѓународната организација за миграција.
Во текот на дводневната средба беше дискутирано и се разменија искуства на НПМ во делот на превентивниот мониторинг при процесот на депортација, улогата на лекарот во мониторинг телата, користењето на средствата за присила, како и директивите на ЕУ поврзани со оваа тема.
13-15. 02.2012, Скопје
НАЦИОНАЛНИОТ ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ ДОМАЌИН НА ТИМОВИТЕ НА НАЦИОНАЛНИТЕ ПРЕВЕНТИВНИ МЕХАНИЗМИ НА АЛБАНИЈА И СЛОВЕНИЈА
Во рамките на проектот на Советот на Европа за развој на капацитетите на европските национални превентивни механизми (НПМ), од 13 до 15 февруари, НПМ тимот од канцеларијата на македонскиот омбудсман беше домаќин на воспоставените и оперативни НПМ тимови на земјите од Југоисточна Европа - Албанија и Словенија.
На средбата тимовите на националните превентивни механизми разменија искуства од својата работа и остварија превентивна посета на Полициската станица Карпош.
26.12.2011, Скопјe
Делегација на Омбудсманот и претставници од граѓанскиот сектор од Република Косово остварија средба со г. Иџет Мемети, народен правобранител на Република Македонија и шеф на Националниот превентивен механизам (НПМ), како и со членовите на Националниот превентивен механизам.
Целта на посетата беше запознавање со воспоставувањето национален превентивен механизам во Република Македонија, процесот на ратификација на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и отворањето посебно превентивно одделение во состав на Народниот правобранител.
Воедно, Националниот превентивен механизам ја претстави Методологијата за работа при превентивните посети на местата за лишување лица од слобода, како и прашалниците за интервјуирање лица лишени од слобода.
21-22.12.2011, Маврово
„Право и практика со бегалци“ беше тема на тркалезната маса што на 21 и 22 декември се одржа во Маврово во организација на Академијата за судии и јавни обвинители и УНХЦР Скопје, на која учествуваше и претставник на Националниот превентивен механизам. На Тркалезната маса учесниците разменија искуства од областа на азилот и мешовитите миграции во Западен Балкан, измените на Законот за управните спорови и постапувањето на Вишиот управен суд по предметите од барањата за азил, бесплатната правна помош и застапувањето на барателите на азил и судската практика на Европскиот суд за човекови права во однос на правата на барателите на азил.
Претставникот на Народниот правобранител имаше излагање и презентација на тема: „Надлежности на Народниот правобранител како национален превентивен механизам“ со посебен акцент на начинот на спроведувањето на посетата на Центарот за баратели на азил.
12.12. 2011, Скопје
Претставници на Одделението за превенција на тортура одржаа предавање на Факултетот за безбедност во Скопје на тема: „Превентивните посети како алатка за спречување тортура – Националниот превентивен механизам (НПМ) во Република Македонија“ со што се заокружи циклусот предавања за студентите со цел нивно запознавање со новата улога на Народниот правобранител - Национален превентивен механизам.
Имено, покрај што на студентите им беше презентирана новата улога на Омбудсманот, тие исто така се запознаа и со обврските на државата што произлегуваат од ратификацијата на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и со методологијата на работа и начинот на вршењето на посетите од страна на тимот на Националниот превентивен механизам.
Претходно Националниот превентивен механизам одржа предавања и за студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Факултетот за правни науки при Универзитетот на Југоисточна Европа, Факултетот за правни науки при Европскиот универзитет и Факултетот за правни науки при ФОН.
Улогата на Народниот правобранител на Република Македонија како Национален превентивен механизам
06-08.12. 2011, Љубљана, Словенија
Од 06 до 08 декември 2011 година во Љубљана, Словенија се одржа Третиот годишен состанок на Европската мрежа на национални превентивни механизми која функционира и се финансира од Европскиот НПМ Проект поддржан од Советот на Европа.
На оваа средба учествуваше македонскиот омбудсман г. Иџет Мемети- шеф на НПМ, како и шефовите на националните превентивни механизми, контакт лицата на НПМ и контакт лицата на националните институции за човекови права во рамките на Европската мрежа.
Македонскиот НПМ на состанокот имаше излагање на тема: „Како да се дојде до реализација на препораките – Дијалог и соработка помеѓу националните со меѓународните тела за превенција на тортура”.
На годишната средба на НПМ контакт лицата и националните институции за човекови права беше истакната важноста од досегашната соработка, како и потребата за продолжување на активностите на регионално ниво со цел успешна реализација на овластувањата што ги има НПМ во доменот на заштитата на човековите права.
Повеќе информации за Европската мрежа http://www.coe.int/t/dghl/cooperation/capacitybuilding/default_en.asp
20-25.11. 2011, Варшава, Полска
- Националниот превентивен механизам оствари студиска посета во Република Полска. За време на посетата беа остварени работни средби со претставниците на полскиот Национален превентивен механизам при што се разговараше за методологијата на начинот на вршење посети, подготвувањето посебни извештаи и следењето на имплементацијата на дадените препораки.
Македонскиот тим, заедно со полскиот Национален превентивен механизам, оствари две ненајавени посети - на полициска станица во Варшава и на центар за малолетничка деликвенција. На крајот беа разменети искуства од спроведените посети и беа утврдени препораките што полскиот национален превентивен механизам ќе ги достави до раководните органи на посетените установи.
10-11.11.2011, Женева, Швајцарија
- Претставник на Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител учествуваше на Светскиот форум за Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура: Превенција од тортура и поддршка на достоинството – од заложби до акции, во организација на Асоцијацијата за превенција на тортура (АПТ).
Форумот на едно место ги собра сите клучни актери на меѓународно и национално ниво на полето на превенција на тортура, почнувајќи од релевантите органи и експерти на ООН преку националните превентивни механизми до претставниците на граѓанскиот сектор активно вклучени во борбата за сузбивање на тортурата, а со цел за означување на петгодишнината од стапувањето во сила на Факултативниот протокол, размена на искуства и заедничко соочување со претстојните предизвици.
20-21.10.2011, Баку, Азербејџан
Во период од 20 до 21. 10. 2011 претставник на Националниот превентивен механизам учествуваше на работна средба во Баку, Азербејџан организирана и поддржана од Советот на Европа преку проектот за воспоставување активна мрежа на тела на национални превентивни механизми. На средбата се дискутираше на тема: Заштита на ранливи категории на лица во местата на лишување од слобода.
06-07.10.2011, Скопје
- Во рамките на Твининг проектот за поддршка на Народниот правобранител на Република Македонија во кој твининг партнери се: шпанскиот Национален омбудсман и Медијаторот на Франција, на шести и седми октомври во Скопје се одржа Тркалезна маса на тема: „Компаративно искуство во областа на лишување од слобода и улогата на Народниот правобранител“.
02-05.10.2011, Љубљана, Словенија
- Во рамките на проектот на Советот на Европа за развој на капацитетите на европските национални превентивни механизми, во Словенија од 2 до 5. 10.2011 година се одржа средба на воспоставените и оперативни механизми во Југо-источна Европа на која учествуваа претставници од: албанскиот, македонскиот и словенечкиот национален превентивен механизам.
28-30.09.2011, Битола, Штип и Тетово
- Од 28 до 30 септември во организација на Народниот правобранител – Одделение за превенција на тортура, а во соработка и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ и Шведската меѓународна агенција за развој – СИДА во: Битола, Тетово и Штип се одржаа тркалезни маси на тема: “Народниот правобранител - Национален превентивен механизам”. На нив учествуваа претставници од: полициските станици, секторите за внатрешни работи, казнено-поправните установи, специјалните заводи и психијатриски болници, локалната самоуправа, државните универзитети и од граѓанскиот сектор.
15-16.06.2011, Талин, Естонија
- Во јуни претставник од Националниот превентивен механизам учествуваше на работна средба во Талин организирана и поддржана од Советот на Европа преку проектот за воспоставување активна мрежа на тела на националните превентивни механизми. На работилницата во Талин беше опфатена темата: „Собирање и проверка на информации за време на посета од национален превентивен механизам”.
09-11.06.2011, Охрид
- Од 09 до 11.06.2011 година се одржа Регионална конференција со наслов: „За улогата на омбудсманите во борбата против дискриминацијата и превенцијата на тортурата”. Конференцијата беше организирана од македонскиот омбудсман со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Меѓународната Шведска агенција за развој – СИДА.
14-15.07.2011, Скопје и Прилеп
- Во период јуни - јули беа спроведени обуки за тимот на Националниот превентивен механизам поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Меѓународната шведска агенција за развој – СИДА. На овие обуки предавачи беа г. Алеш Бутала, поранешен член на Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа и г. Владимир Ортаков, прв потпретседател на Комитетот за превенција на тортура. Како дел од обуките беше посетен затвор и психијатриска болница.
22.06.2011, Скопје
- На прес конференција народниот правобранител г. Иџет Мемети го промовираше тимот кој ќе работи на превенција на тортура и ќе врши редовни и ненајавени посети во сите места каде се лишуваат лица од слобода.