Новости и настани
20.06.2017
20.06.2017, Скопје
СООПШТЕНИЕ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА БЕГАЛЦИТЕ
Генералното Собраните на Обединетите Нации во 2000 година го прогласија 20 јуни за Светски ден на бегалците, ден кој се одбележува скоро во сите делови во светот. Светскиот ден за бегалците е прогласен со единствена цел да „се привлече вниманието на меѓународната јавност за тешката положба на присилно раселените луѓе ширум светот“ во ситуација кога бројот на луѓе кои живеат далеку од своите домови драматично се зголемува секоја година.
Народниот правобранител изразува сериозна загрижност што Република Македонија овој ден го одбележува со политика на затворени граници кон бегалците, односно луѓето кои биле принудени да го напуштат својот дом поради конфликти или прогонувања.
Во оваа смисла Народниот Правобранител ги повикува надлежните институции на целосно почитување на правата на овие лица согласно меѓународните документи и особено Конвенцијата за статусот на Бегалците од 1951 како и Протоколот од 1967.
Истовремено, Народниот Правобранител упатува апел за поголема солидарност со бегалците, во обид да се зачува нивното човеково достоинство и да се почувствуваат повторно безбедни, сигурни и прифатени во новата средина.
Одделение за односи со јавност
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ