26.06.2015
26.06.2015, Скопје
РАБОТИЛНИЦА НА ТЕМА „ИЛЕГАЛНИТЕ МИГРАНТИ И БАРАТЕЛИ НА АЗИЛ-СОСТОЈБИ И ПРЕДИЗВИЦИ“
„Илегалните мигранти и баратели на азил-состојби и предизвици“ беше тема на работилницата која на денот посветен на жртвите од тортура 26 јуни се одржа во ЕУ Инфо центарот во Скопје. На работилницата свое учество земаа претставници од тимот на Националниот превентивен механизам- Народен правобранител на Република Македонија, Лудвиг Болцман институтот од Австрија, од австрискиот омбудсман борд, како и претставници од министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, од УНХЦР и невладините организации.
„Во Годишните извештаи на Националниот превентивен механизам од 2013 и 2014 година беа нотирани- констирани слабости и дадени препораки за постапувањето и заштитата на лицата со илегален влез во државата како и за барателите на азил. На оваа работилница сакаме да го истакнеме значењето на хуманото постапување со овие лица, но воедно и да го одбележиме Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура и да покажеме дека и на овие лица им требаат соодветни услови за сместување како и хуман третман“ рече на отворањето на работилницата народниот правобранител г.Иџет Мемети.
За „Ситуацијата и предизвиците со илегалните мигранти и баратели на азил во Република Македонија“ излагање имаше г-ѓа Аница Томшиќ Стојковска претставник од Народниот правобранител-Националниот превентивен механизам, додека за „Ситуацијата со илегалните мигранти и баратели на азил од аспект на борбата против тортура и малтретирање“ зборуваа г.Мориц Брик и г-ца Тифани Критин од Лудвиг Болцман Институтот. Претставниците од министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика зборуваа на тема „Улогата и активностите што ги преземаат државните институции за идентификација, заштита, згрижување и почит на правата на илегалните мигранти“.
Работилницата се организираше во рамките на Твининг проектот насловен како „Промоција на надлежностите на народниот правобранител и јакнење на институционалните капацитети“, кој Народниот правобранител го спроведува во соработка со канцеларијата на Австрискиот омбудсман борд и Лудвиг Боцман Институтот за човекови права.