05.12.2019
Скопје
СТУДЕНТИ ОД ДРЖАВНИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВО ОДРЖАА ПРАКТИЧНА НАСТАВА ПО ПРЕДМЕТОТ ЧОВЕКОВИ ПРАВА ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ
Студенти од втора година на Правниот факултет при Држаниот Универзитет во Тетово, во рамките на наставната програма одржаа практична настава по предметот Човекови права, во канцеларијата на Народниот правобранител. Во рамките на посетата, низ разговор со народниот правобранител се запознаа со работата на институцијата Народен правобранител.
Народниот правобранител, г.Иџет Мемети на студентите им го претстави хронолошкиот развој на Институцијата, законските измени во поглед на мандатот и надлежностите, а ги запозна и со начинот на работа по претставките кои ги поднесуваат граѓаните. Тој, исто така, им ги претстави и новите мандати кои неодамна ги доби Народниот правобранител - пријател на судот, граѓанска контрола над полицијата и одделението за следење на имплементацијата на Конвенцијата на Обединетите Нации за лица со попреченост.
Студентите се интересираа за инструментите кои ги има Народниот правобранител за заштита на правата на граѓаните, како и за тоа колку институциите ги прифаќаат неговите препораки. Исто така, посебен акцент беше ставен на работата на институцијата, во споредба со работата на омбудсман институциите од регионот - споредба во поглед на бројот на примени претставки, мандатите и механизмите кои им стојат на располагање, во заштита на човековите слободи и права.