07.02.2018
07.02.2018, Велес
РАБОТИЛНИЦА ЗА ИСКУСТВАТА НА ЛОКАЛНИТЕ САМОУПРАВИ ВО УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДОТ
„Циркуларна економија: искуства на локалните самоуправи во управување со отпадот“ беше тема на работилницата, која во организација на канцеларијата на Народниот правобранител, а со поддршка на амбасадата на Кралството Холандија се одржа во Велес.
Работилницата ја отворија народниот правобранител г.Иџет Мемети и амабасдорот на Кралството Холандија во Република Македонија Н.Е Воутер Пломп, на неа присусутвуваа градоначалници на повеќе општини, претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање и на невладини организации кои работат на полето на заштитата на животната средина, а беше презентирано истражувањето за „Состојбите со депонирање на отпадот во Република Македонија“, спроведено од страна на институцијата Народен правобранител. Искуствата со управување со отпадот во Холандија ги пренесе г.Ханс Бројкелман, додека на тема „Вовед во циркуларна економија“ зборуваше г.Ханс ван Ек.
„Има закони, но во пракса истите не се спроведува поради недоволната совест на тие што треба да го спроведуваат законот. Поради тоа им порачувам на надлежните во земјава сериозно да пристапат кон квалитетно спроведување на прописите. Истовремено без одлагање да пристапат кон изградба на прописни регионални депонии според сите стандарди заради остварување на правото на граѓаните за живот во здрава животна средина“, рече меѓу другото, во својот поздравен говор народниот правобранител г.Иџет Мемети.
Според Мемети и покрај уставно загарантираното право за здрава животна средина, загрижува фактот што со години наназад државата преку своите институции не посветува доволно внимание и не презема конкретни мерки за зачувување и унапредување на животната средина.
Презентирајќи го истражувањето, државниот советник г.Нико Бојаџиев истакна дека општиот заклучок врз база на податоците е дека во Република Македонија депонирањето на отпадот се врши под секакво ниво дека е супстандардно, и речиси не се почитува ниту една законска норма која се однесува на ова прашање.
„Од вкупниот број на општини 42 користат локални депонии за комунален и друг вид на отпад, при што ниту една не поседува интегрирана еколошка дозвола, односно не ги исполнува законските стандарди, Регионални депонии користат 14 општини, а 11 (претежно помали рурални) општини не користат локални ниту регионални депонии“, истакна Бојаџиев.