25.06.2013
Скопје
РЕГИОНАЛНА СРЕДБА НА НАРОДНИТЕ ПРАВОБРАНИТЕЛИ-НАЦИОНАЛНИ ПРЕВЕНТИВНИ МЕХАНИЗМИ
Народниот правобранител – Национален превентивен механизам (НПМ) преку Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија – TAIEX, на 25 и 26 јуни организираше регионална работилница на која учестуваа претставници на НПМ Албанија, НПМ Македонија, НПМ Србија, НПМ Словенија, НПМ Црна Гора, Омбудсманите на БиХ и Косово, НПМ Полска, како и претставници на Асоцијата за превенција од тортура (АПТ), Комитетот за спречување тортура при Совет на Европа и Обединети Нации.
На дводневната работилница се дискутираше за проценка на спроведувањето на дадените препораки од превентивните посети, како и спроведување на последователни или контролни посети во местата на лишување од слобода. Исто така тема на разговор беше како да се постигне функционална и оперативна независност на овие механизми, како и комуникацијата и соработката со меѓународните тела за превенција и спроведувањето на надлежностите утврдени во Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура. Учесниците на конференцијата зборуваа и за ефикасноста на НПМ преку обезбедувањето на соодветен буџет, соработката со граѓанскиот сектор и вклучувањето на надворешни соработници со цел обезбедување експертиза и мултидисциплинарен пристап.
Врз основа на дискусиите НПМ-те од региониот се согласија дека:
- При утврдувањето на препораките треба да се има во предвид приоритетноста на одредени прашања, како и утврдувањето на краткорочни и долгорочни препораки со цел нивна имплементација во местата на лишување од слобода.
- Потребно е да постои стратегија како да се мониторираат дадените препораки која може да се спроведе преку последователни посети, следење на медиумите како и воспоставување конструктивен дијалог врз основ на дадените препораки.
- При оценувањето на степенот на спроведување на дадените препораки потребнo е да се има буџетска анализа, проценка или анализа за причините кога има неспроведување на дадена препорака, но воедно е потребно пошироко запознавање на јавноста за степенот и начинот на спроведување на дадените препораки.
- За ефикасното спроведување на НПМ мандатот треба да се обезбедат финансиски средства кои ќе овозможат функционална и оперативна независност, но и соработка со граѓанскиот сектор и надворешните експерти.
- Граѓанскиот сектор може да се јави како иницијатор или да ја засили објективноста на НПМ, но воедно улогата на НВО може да биде и за регрутација на членови во самиот механизам, извор на информации и соработка, како и за промоција на мандатот и овластувањата кои ги има НПМ.
- Потребно е НПМ да одржува конструктивен и двонасочен дијалог со меѓународните тела за превенција од тортурта, како и можноста од поблиску да ги следи препораките кои ги даваат овие тела.
- Во насока на целосно имплементирање на мандатот на НПМ потребно е истиот да располага со доволно човечки ресурси, како и едукација за да може да има и проактивна улога во давањето на мислења и иницијативи на законските и нацрт законските решенија. Воедно човечките ресурси се потребни и заради посебното делување на превенцијата издвоена од заштитата во случај на тортура и друг вид на сурово, нехумано или понижувачко постапување.
- Превенцијата и заштитата се стремат кон иста цел, но потребно е посебно делување заради ефикасноста и ориентираноста на извршување на мандатот кој го утврдува Факултативниот пртокол на Конвенцијата против тортура.