11.06.2010
СТАВ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА СМЕТКИТЕ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Со оглед на големиот број поплаки доставени од граѓаните по повод новите сметки за потрошена електрична енергија за месец мај оваа година, во кои покрај главниот долг е внесен и заостанат долг за наводно неплатени сметки, Народниот правобранител интервенираше со цел утврдување на причините за ваквите состојби.
Ова особено што во сметките, не е наведено за кој период се однесува заостанатиот долг, факт кој е важен бидејќи надоместокот за потрошена електрична енергија, според Законот за облигационите односи, застарува за една година и по истекот на една година доколку благовремено не е покрената постапка за присилна наплата не може да се бара присилно извршување.
Од извршените проверки и прибрани информации Народниот правобранител констатира дека прикажаниот заостанат долг во новите сметки за електрична енергија за кои не е покрената судска постапка, не треба да бидат предмет на загриженост за граѓаните бидејќи не можат да бидат причина за присилно извршување.
Воедно, Народниот правобранител смета за потребно да ја информира јавноста дека во врска со почетокот на примената на измените и дополнувањата на Законот за извршување, се предвидува нов начин на извршување на неблаговремено платени сметки.
Со истите измени се предвидува решение за извршување да донесуваат нотарите по предлог на доверителот, при што должникот има право на приговор до нотарот во рок од 8 дена од приемот на решението и доколку приговорот е навремен и допуштен, нотарот го доставува до месно надлежен основен суд.
И според овој закон не може да се бара извршување на долг за кој настапила застареност, а благовремено не е покрената постапка за присилна наплата.
Инаку, за веќе започнатите постапки за извршување до денот на примената на овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за извршна постапка, но најдоцна до 1 јули 2010 година.
Истовремено Народниот правобранител ги информира граѓаните дека во случај на прекршување на нивните права со новиот начин на извршување, можат да побараат заштита од Народниот правобранител.