Новости и настани
24.03.2014
Скопје, 24.03.2014
БЕСПЛАТНА ТЕЛЕФОНСКА ЛИНИЈА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ПОВРЕДА НА ИЗБИРАЧКО ПРАВО
Во канцеларијата на Народниот правобранител од денес (24 март) граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија. Бројот на кој што граѓаните можат да ги пријават неправилностите во изборниот период и на денот на гласањето е: 0800 54321.
Телефонската линија ќе функционира секој работен ден од 08.00 до 16.00 часот и по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, по примениот повик, или снимената порака.
Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права.
Народниот правобранител потсетува дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право. Повредата на слободата на определувањето на избирачите, како и други повреди на избирачкото право се казниви дела.
Имајќи ја предвид важноста на избирачкото право, Народниот правобранител ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека им е повредено ова право истото веднаш да го пријават.
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ