14.11.2013
Скопје
СТАВ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА ДЕНОТ НА ТОЛЕРАНЦИЈАТА
Почитувани граѓани,
Сите жители на планетата Земја секоја година на 16 ноември го одбележуваат Меѓународниот ден на толеранцијата .Овој ден е добра можност да се потсетиме колку во изминатиот период сме биле толерантни кон семејството, пријателите, колегите, со еден збор колку сме ги почитувале, иако имале различни ставови од нас.
Толеранцијата се учи за да ни стане навика. Учењето дека сите сме различни, но дека сите ги имаме истите права е основното мото по кое треба да се придржува секој, особено во мултикултурните општества какво што е нашето.
Меѓународниот ден на толеранцијата е поводот кога треба да се проговори и за негативните ефекти од нетолернацијата. Непочитувањето на различностите никому не му носи добро, напротив тоа е причина за многу војни, страдања, поделби кои оставаат длабоки последици врз животите на сите нас.
Толеранцијата е демократска придобивка на секое општество. Колку повеќе толеранција толку помалку поделби, а колку помалку поделби толку поголем просперитет. Токму затоа и оваа пригода ја користам да им укажам на сите чинители во општеството без разлика на возраста ,полот, верата, oбразованието дека почитувањето е основниот темел без кое нема напредок. Доколку ова навреме сите го разбереме, убеден сум дека ќе си го подобриме квалитетот на живеењето.