04.03.2013
Скопје
АПЕЛ ОД НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ
Во пресрет на локалните избори, Народниот правобранител апелира до сите учесници во изборниот процес да не дозволат и да спречат секаков обид за инволвирање и евентуална манипулација и злоупотреба на децата за партиско-политички цели.
Како орган надлежен за заштита на правата на децата Народниот правобранител ги повикува родителите, политичките партии и другите учесници да не дозволат вклучување на децата во кампањата, односно тие да не се користат во политичките спотови, билборди како и на митинзите на учесниците во изборниот процес.
Според Народниот правобранител вклучувањето на децата на каков било начин во политичката кампања е спротивно на Конвенцијата за правата на детето, според која, децата треба да бидат заштитени од сите видови злоупотреби и манипулации, Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба на Собранието на Република Македонија, Законот за заштита на децата, како и Законот за основно и средно образование, со кои покрај другото се забранува политичко организирање, дејствување и злоупотреба на децата.
Истовремено, Народниот правобранител својот апел го упатува и до медиумите со цел да не прифатат да емитуваат платени политички пораки, ако преку нив се врши (зло) употреба на децата за политички цели.
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ