03.09.2019
Љубљана, Р.Словенија
СТУДИСКА ПОСЕТА НА ЗАМЕНИЧКАТА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СЛОВЕНИЈА
Заменичката на народниот правобранител, г-ѓа Васка Бајрамовска Мустафа, од 3 до 5 септември 2019 година беше на студиска посета во Р.Словенија, како дел од Делегацијата на Република Северна Македонија, заедно со пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Генералната секретарка на Собранието, претставници на невладин сектор и на Комисијата за заштита на лични податоци и на Државната комисија за спречување на корупција.
Целта на студиската посета беше размена на искуства и добри практики при разгледување, усвојување и следењето на постапувањето по препораките на Годишниот извештај на Народниот правобранител и други самостојни државни органи, согласно Белградските принципи, и во таа насока беа остварени средби со Народниот правобранител на Р.Словенија, Комесионерот за информации и со неколку собраниски комисии во чија надлежност е контролата на јавните финансии, постапување по петиции, заштита на човекови права и еднакви можности, превенција од корупција и сл.
Оваа активност се реализира во рамките на програмата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за поддршка на демократските реформи и институционално зајакнување на надзорната улога на законодавниот дом, преку создавање комплементарна и продуктивна соработка со Народниот правобранител и други самостојни државни органи.