21.10.2011
Копенхаген , Данска
ОСМИ НАЦИОНАЛЕН СЕМИНАР НА ЕВРОПСКАТА МРЕЖА НА ОМБУДСМАНИ
„Усогласувањето на националните законодавства на земјите во Европа со европските регулативи - намалување на разликите помеѓу националните и европските политики и олеснување на пристапот до институциите за заштита на правата на граѓаните, поставување унифициран модел за остварување и почитување на граѓанските права, преземање активни мерки од државите за почитување на принципите на добро административно однесување, како и изнаоѓање соодветни механизми и средства за спроведување на правото“.
Ова се дел од заклучоците што произлегоа од Осмиот национален семинар на Мрежата на омбудсманите во Европа, на тема: „Право, политика и улогата на омбудсманите по Лисабонскиот договор“ кој беше организиран во партнерство на Европскиот омбудсман, г. Никифорус Дијамандорус и данскиот Омбудсман г. Ханс Гамелтолф Хансен, на кој учествуваше и македонскиот омбудсман г. Иџет Мемети.
На семинарот беа претставени улогата и работата на омбудсманите во Европа, нивната релација со парламентите, како и почитувањето на принципот на независност и контролата на администрацијата. Притоа беше нагласена потребата за нивна меѓусебна поврзаност и комуникација, особено важноста на поврзаноста и постојната комуникација на националните со Европскиот омбудсман.
На средбата исто така беа разменети мислења и за состојбите и механизмите во поглед на почитување и заштита на правата на граѓаните во различни земји во Европа, како и за соработката со останатите институции во оваа сфера. Исто така беше нагласена и потребата за поголема информираност и формална едукација на граѓаните за нивните права и за механизмите за нивно почитување и оствaрување.