19.07.2017
19.07.2017, Скопје
ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО ЗДРУЖЕНИЕТО НАЦИОНАЛЕН РОМСКИ ЦЕНТАР
Народниот правобранител г. Иџет Мемети и Извршниот директор на Здружението Национален ромски центар од Куманово г. Ашмет Елезовски, потпишаа Меморандум за соработка за имплементирање на активностите во рамките на Проектот „Спречување на дискриминацијата кон ромските деца„ со цел размена на информации и навремено преземање мерки за заштита од дискриминација на ромските деца и нивните семејства.
Со овој проект меѓу другото ќе се придонесе за поголема промоција на институцијата Народен правобранител меѓу Ромите, но и нивно информирање и едуцирање за можностите истата да ја користат за заштита на нивните права.
Според Народниот правобранител нема оправдување за појавата на дискриминацијата која во нашето општество постои. Затоа сметам дека е потребно да се работи на еден сеопфатен системски пристап за сузбивање на оваа негативна појава.
„Во оваа прилика посебно би ја потенцирал појавата на говор на омраза како придружник на дискриминацијата која во последен период зема се поголем замав, особено што ваков говор користат и јавни личности.Јавно ја осудувам досегашната неказнивост и премолчување на надлежните органи, со што придонесуваат дискриминацијата и говорот на омраза да бидат се поприсутни во медиумите, а особено на социјалните мрежи.„ рече народниот правобранител г.Мемети при потпишуавњето на Мемарандумот.
Народниот правобранител упати јавен апел наместо говор на омраза и дискриминација да се промовираат толеранцијата, почитувањето и еднаквоста на човековите права на сите, особено на ранливите и маргинализираните заедници, а надлежните органи соодветно и навремено да реагираат санкционирајќи ја оваа појава, што во иднина би се превенирало и спречило нејзино ширење.